Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо, потпиша наредба со која се прогласува состојба на „вонредна катастрофа“ со цел да се потисне насилството со огнено оружје.
Новата стратегија ќе го третира насилството со огнено оружје како јавна здравствена криза.
„Ние од ковид преминавме во епидемија на вооружено насилство. Повеќе луѓе умираат од насилство од оружје отколку од ковид”, рече Куомо на прес-конференција.

Ќе се применат краткорочни решенија, со цел без одлагање да се реши сегашната криза и да се намали бројот на напади со огнено оружје, но и долгорочни решенија што ќе се базираат на работа со локалните заедници и превенција, пренесува АБЦ.
Куомо исто така најави формирање на Канцеларија за спречување на вооружено насилство, како и поголема транспарентност во пристапот до полициските информации за локалните заедници полесно да утврдат кои урбани области и зони се во фокусот на насилство од огнено оружје.
Усвојувањето на наредбата за прогласување состојба на „вонредна катастрофа“ ќе и овозможи на државата да ги финансира локалните заедници и да обезбеди дополнителни ресурси со цел веднаш да се започне борбата против насилството со огнено оружје.
Сеопфатната стратегија за борба против вооруженото насилство, исто така, вклучува програми за ризична младина и други активности што ќе помогнат да се отстрани помладата популација во урбаните области од улиците и да се вклучи во превенција на насилство.

Покрај тоа, Куомо посочи дека специјална единица на државната полиција во Њујорк ќе биде задолжена за спречување на нелегален увоз и трговија со огнено оружје од држави каде што се применуваат поблаги закони.
„Го градиме Њујорк подобро отколку што било досега“, најави гувернерот Ендру Куомо.
Повеќе од 180 лица беа убиени за три дена во кои САД го славеа Денот на независноста, според податоците објавени од Архивите за насилство со оружје.

