Како чисти шпекулации, ги оцени кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, тврдењата дека ќе се затвори Основното училиште „Вук Караџиќ“ и дека таму ќе се префрлат учениците од Гимназијата „Сами Фрашери“.
Никогаш не се разговарало на таква тема, туку тоа беше, вели Димитриевски, еднострана дискусија на еден член на Советот кој предизборно сака да собира политички поени, мислејќи на советникот Осама Муадини, кој предложи албанските паралелки од поранешен „ЗИК“ да се дислоцираат во „Вук Караџиќ“.
– За такво нешто никогаш не се зборувало, ниту пак може да стане збор бидејќи првенствено не постојат законски услови за нешто такво. Идејата за решавање на проблемот со „Сами Фрашери“ и паралелките на албански наставен јазик од Техничкото училиште се решаваат во соработка со ресорното министерство и ние сакаме тој проблем трајно да го решиме, бидејќи сметаме дека ученици во оваа училиште учат во несоодветни и многу лоши услови, но општината сама нема капацитет финансиски да го надмине и реши овој проблем и дадена е иницијатива до Министерството за образование и наука, на постоечка локација во поранешната касарна „Христијан Тодоровски Карпош“ каде веќе има мал училишен комплекс, да се изгради нов објект, за кој општината има решение или да се реконструира еден од постоечките објекти, вели Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

Општината во неколку наврати се обратила до МОН, но оттаму не добиле одговор.
Министерството, како што потенцираше градоначалникот, треба да предвиди средства за капитални инвестиции, врз база на претходно дадено идејно решение изработи градежен проект и приспати на инвестицијата, што трајно ќе го реши проблемот во образованието.
– Нашите планови за постоечкиот објект „ЗИК“ се кога во иднина општината ќе има доволно средства истиот објект го корсити за административни потреби на општината и сметаме дека дел од општинските служби и државни институции би било најсоодветно да бидат лоцирани на оваа локација, која дополнително може да биде доизградена со дополнителни паркинг места. Сепак решението е во ресорното министерство, изјави Димитриевски на денешната прес конференција.
Последното училиште во Куманово е изградено во 1987 година, а државата му должи на Куманово, вели Димитриевски кој изрази надеж дека ќе му се одолжи.
Никола Ивановски