Системот за следење на комуникациите да се дислоцира од Управата за безбедност и контраразузнавање, со цел да се укине монополот, што таа сега го има во овој процес, препорача денеска директорот на УБК Горан Николовски, презентирајќи решенија за претстојните реформи.
Тој на денешната научно стручна дебата, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје, насловена како „Безбедносни дијалози за процесот на трансформација на УБК и механизми за контрола на следење на комуникациите“ напомена дека Македонија согласно препораките во извештајот на Рајнхард Прибе потребно е да спроведе реформи на целокупниот безбедносно-разузнавачки систем, но и да се регулира следењето на комуникациите.
– Заклучот од досегашните анализи и истражувања е дека е потребно префрлање на свичовите, медијациските уреди за конекција меѓу сигналот и провајдерот, од УБК, нивно вадење од УБК, и префрлање на друго место. УБК има монопол во следење на комуникациите. Јас како директор имам можност да бидам запознат со се што се случува во државата, јас го ставам потписот, тоа е тој монопол. Поентата е тоа да се тргне како можност и да се понуди решение со кое повеќе нема да се злоупотребува овој систем, рече Николовски.
Изминатиот период биле разгледани четири предлози како тоа да се направи. Според првиот, свичовите би се префрлиле кај провајдерите, вториот подразбира нивно дислоцирање во обвинителството, третиот е формирање независно тело за контрола на овој процес и четврто кога станува збор за кривични дела тие да бидат кај провајдерите, а за прашања за безбедноста на државата да останат во УБК.
Најприфатлив предлог, според Николовски е третиот, формирање на независна владина агенција, која ќе биде надлежна во делот на техничката улога за следење на комуникациите.
Станува збор за оперативно-техничка агенција, која нема да може да собира податоци, нема да може да ги следи комуникациите, само ќе може да го овозможи сигналот или како што рече Николовски „таа ќе го стиска копчето“.
– Тие ќе може да го вклучуваат сигнал, но нема да може да слушаат, појасни тој.
Владата веќе го прифатила овој модел, формирана е работна група, која ќе работи на дефинирање на конечното решение, а во која се вклучени сите институции, кои имаат одредени надлежности во разузнавачките активности.
Николовски очекува кон крајот на декември групата да излезе со законски решение за регулирање на ова прашање и додаде дека во целиот процес ќе биде вклучена и јавноста со дебати со цел да се зголеми свеста за потребата од ваквата реформа.
Продекантот на Факултетот за безбедност Марјан Ѓуровски појасни дека по примерот на европските држави и соседството, односно Хрватска и Словенија, за следењето на комуникациите ќе биде формирано посебно тело за техничко следење, по соодветни одлуки и дозволи од обвинителството и судството.
– Во тој случај мора да се внимава кој ќе го назначува директорот на тој центар за следење на комуникациите. Особено е важно да обезбедиме двотретинско мнозинство, со цел да не се дозволи повторно некој партиски фунционер да го управува телото. Ако го назначува владата посакуваниот ефект нема да биде постигнат, рече тој.
Се разгледува можност за донесување закон за интегрална безбедност, во кој сите надлежности и функции на безбедносните институции ќе се обединат во едно законско решение, а при тоа ќе се врати улогата на Собранието, но и на невладиниот сектор и академската заедница во цивилната и демократска контрола.
Дебата ја отвори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки, кој посочи дека транформацијата на УБК, вклучително и на механизмите за контрола на следењето на комуникациите е од суштинско значење за систматското редефинирање на безбедносниот сегмент.
– УБК со овој концепт на функционирање беше предмет на класична и континуирана политичка злоупотреба, преку која политичко-бирократскиот естаблишмент ја генерираше општата коруптивност на општеството и оттаму е сосема јасно каква и колкава е големината на задачата, што ја имаме преземено во насока на коренити реформи на овој безбедносен сегмент, додаде Спасовски.
Тој додаде дека во извештајот на Прибе, кој беше промовиран пред две години токму УБК, нејзината позиција и функционалност беа посочени како базичен инструмент преку кој поранешната власт до перфекција го имаше развиено својот сопствен систем за контрола и корупција на граѓаните и општеството.
– Процесот на ослободување на државата, односно воспоставување на владеењето на правото мора да тргне токму од реформите на УБК. Односно од креирањето на служба, која ќе биде фундирана врз законитост, врз цивилна контрола, врз прецизна системска улога и позиција, елиминарјќи ги сите евентуални можности за нејзини натамошно компромитирање и злоупотреба, нагласи Спасовски.
Професорот од Факултетот за безбедност Томе Батаковски посочи дека е потребна реформа на целокупниот безбедносно-разузнавачкиот систем на Ребуплика Македонија.
– Изминатите 26 години имавме многу примери на некоординираност, некооперативност, ненавременост, што доведе до неефикасност во конкретни безбедосни прашања. Еден сериозен безбедносен систем треба да биде единствен, еластичен, со правилна хиерархиска поставеност, висока стручност сеопфатност, волевост, патриотизам и самоотпорност, додаде тој.
Според него реформата на безбедосно-разузнавачкиот систем, мора да оди во насока да се формира Совет за национална безбедност, не како сегашниот, кој дава само препораки и мислења, туку по примерот на САД. Таков совет би имал две помошни тела, Биро за координација на безбедносно-разузнавачките служби и канцеларија на советот за национална безбедност, како стручно административно тело.
Тој смета и дека УБК треба да излезе од МВР.
На дебатата имаше учесници од обвинителство, судството, царина, финансиска полиција, невладини организации, а целта е преку дијалог да се изнајде најдоброто решение во оваа насока.
Извор: МИА

