Ниту еден преживеан патник не е пронајден во остатоците од авионот на China Eastern Airlines кој се урна со 132 луѓе во јужна Кина, објавија во вторникот кинеските државни медиуми додека потрагата по црната кутија продолжува за да се разјаснат причините за несреќата.
Пронајдени се остатоците од авионот, но во него нема преживеани, објави телевизијата CCTV 18 часа по падот.
Во потрагата по преживеаните учествуваа неколку стотици пожарникари и спасувачи.
Инспекторите сега трагаат по црната кутија.
Делови од Боинг 737-800 беа расфрлани на планинските падини погодени од пожарот по првата кинеска несреќа со комерцијален авион од 2010 година.
Беа забележани и изгорени остатоци од лични карти и паричници, објавија државните медиуми.
Седумгодишен Боинг 737 се урна во понеделникот од височина од повеќе од 8.000 метри, соопшти контролата на летање.
Во авионот имало 123 патници и девет членови на екипажот, сите кинески државјани. Ова е најтешката авионска несреќа во Кина во последните 12 години.
Летот MU5735 се урна во близина на Вужоу во јужната кинеска провинција Гуангкси. Тој беше на пат од Кунминг во провинцијата Јунан до Гуангжу во провинцијата Гуангдонг.
Американскиот производител на авиони „Боинг“ соопшти дека техничките експерти се подготвени да помогнат во истрагата за причините за падот, предводени од кинеските власти за цивилна авијација.