Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху свика денеска состанок на безбедносниот кабинет на кој се разговараше за договорот со Хамас за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Газа, соопшти неговиот кабинет.
Нетанјаху пред средбата учествуваше во безбедносната проценка, каде што имплементацијата на договорот беше разговарано со израелскиот преговарачки тим, кој се врати во текот на ноќта од Доха по потпишувањето на финалната верзија на договорот, пишува Тајмс оф Израел.
Состанок на целосниот кабинет, кој исто така мора да го одобри договорот пред да стапи на сила, не се очекува до утре вечер.
Во претходното соопштение, кабинетот на Нетанјаху појасни дека договорот ќе биде спроведен според планираното во недела и покрај одложувањата, а се очекува тој ден да бидат ослободени првите заложници.
Хамас денеска објави дека пречките што се појавија во однос на условите од договорот за прекин на огнот во Газа се решени, се вели во соопштението на милитантната организација.
Израелските власти денеска објавија список со имињата на 33 заложници што треба да бидат ослободени во првата фаза од договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и милитантите на Хамас, објави претходно „Тајмс оф Израел“.
Списокот не е по редослед на ослободување и не е прецизирана во каква состојба се заложниците, а властите во Тел Авив веруваат дека повеќето од 33-ца се живи, пренесува порталот.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рано утринава потврди дека преговарачките тимови на Израел и Хамас во Доха потпишале договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.
Првата фаза од договорот, која трае шест недели, вклучува постепено повлекување на израелските сили од Газа, како и ослободување на 33 Израелци, меѓу кои жени, деца и мажи постари од 50 години, како и двајца Американци – Кит Сигел и Саигуи Дикел Чин.
Преговорите за втората фаза од договорот ќе започнат 16 дена по почетокот на првата фаза, а таа фаза најверојатно ќе вклучи ослободување на сите преостанати израелски заложници кои ги држеше палестинската милитантна група Хамас, траен прекин на огнот и целосно повлекување на Израелски војници од Газа, во замена за ослободување на повеќе од 1.000 палестински затвореници.
Третата фаза ќе вклучува враќање на сите преостанати тела и почеток на реконструкција на Газа под надзор на Египет, Катар и Обединетите нации.