Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја објави „целосната одговорност“ на Израел за Појасот Газа по завршувањето на конфликтот со Хамас, на „неопределен период“ и уште еднаш го отфрли предлогот за прекин на огнот доколку палестинските милитанти не ослободат заложници.
Тој во интервју за „Еј-би-си њуз“ изјави дека верува оти Израел треба да има сеопфатна безбедносна одговорност во Појасот Газа на неодредено време.
„Видовме што се случува кога го немаме. Кога ја немаме таа безбедносна одговорност, она што го имаме е ерупција на теророт на Хамас од размери што не можевме ни да ги замислиме“, нагласи Нетанјаху.
Нетанјаху зборуваше и за можноста за општ прекин на огнот и привремени „хуманитарни“ паузи во борбите, со цел да се достави поголема хуманитарна помош во Појасот Газа и да се дозволи цивилите да побегнат од уништената од војната палестинска енклава.
„Па, нема да има општ прекин на огнот во Газа без ослободување на нашите заложници. Што се однесува до тактичките мали прекини, да, еден час овде, еден час таму, тоа го имавме претходно, ќе ги провериме околностите да дозволиме хуманитарна помош да влезе или нашите заложници да излезат. Но, мислам дека нема да има општ прекин на огнот“, изјави Нетанјаху за ABC News.
Тој додаде дека верува оти генералниот прекин на огнот ќе ги отежне воените напори на Израел.
„Тоа ќе ги попречи напорите да се извлечат нашите заложници, бидејќи единственото нешто што функционира против овие криминалци во Хамас е воениот притисок што го вршиме“, рече израелскиот премиер.
На прашањето на новинарите дали Израел би дозволил генерален прекин на огнот доколку Хамас се согласи да ги ослободи заложниците, Нетанјаху даде потврден одговор.
„За таа цел ќе има прекин на огнот“, нагласи Нетанјаху.
Повеќе од 10.000 луѓе се убиени во едномесечниот конфликт во Газа, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас. Во таа бројка се вклучени 4.104 деца.
Во Израел загинаа повеќе од 1.400 луѓе, а 6.900 беа повредени, соопшти израелската влада.