Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека го поддржува мирот со Палестинците, но дека секоја идна независна палестинска држава, според него, претставува закана за безбедноста и платформа за уништување на Израел.
„Палестинците треба да имаат целосна власт за да добијат своја локална самоуправа, но никакво овластување да му се закануваат на Израел. Ова значи дека суверената контрола на безбедноста секогаш ќе остане во наши раце“, рече Нетанјаху во Вашингтон, објави Ројтерс.
Зборувајќи заедно со американскиот претседател Доналд Трамп, Нетанјаху го наведе нападот на Хамас од Газа на 7 октомври 2023 година како пример, опишувајќи го како доказ за тоа што Палестинците можат да прават во рамките на сопствената држава.
„Тие не ја изградија Газа – тие изградија бункери и тунели. Потоа ги масакрираа нашите луѓе, нешто слично на што не е видено од Холокаустот. Затоа никој нема да каже: „Ајде да им дадеме уште една држава“, рече тој.
Трамп, на прашањето на новинарите дали сè уште верува во решение со две држави, одговори:
„Не знам“, а коментарот му го препушти на Нетанјаху.
Нетанјаху рече дека е подготвен за мир со оние Палестинци кои не сакаат уништување на Израел, но дека Израел нема да отстапи од својот безбедносен суверенитет, пренесува Танјуг.
„Некои ќе речат: „Тоа не е вистинска земја“. Не ни е гајле. Се заколнавме: никогаш повеќе“, рече тој.