Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел би можел да ја бомбардира Газа „како што сојузниците го бомбардираа Дрезден“ во Втората светска војна, но дека тоа не го прави, бидејќи, како што тврди, се фокусира исклучиво на борбата против терористите.
„Можеме да ги бомбардираме како што сојузниците го бомбардираа Дрезден во Втората светска војна, би можеле да ги изгладнеме ако ги следиме клеветите, овие лаги што се кажуваат против Израел, и никој нема да биде жив“, рече Нетанјаху за време на интервју за американската мрежа „Newsmax“ кога беше прашан зошто Израел не ги „брише Хамас и Газа од картата“.
Тој додаде дека Израел, и покрај критиките, се обидува да го премести населението, да ги одвои цивилите од терористите и да ги таргетира само милитантите.
Сепак, податоците од Еврејскиот универзитет во Ерусалим покажуваат дека од октомври 2023 година, повеќе од 89 проценти од зградите во Рафа и 84 проценти во северна Газа се уништени.
Според палестински извори, најмалку 61.722 лица биле убиени, а 154.525 ранети во израелските напади до август оваа година, пренесува Танјуг.