Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, најверојатно утре ќе пристигне во Тајван и во среда ќе се сретне со лидерот на Тајван Цаи Инг-вен, пишуваат локалните медиуми.
Пелоси најверојатно ќе пристигне во Тајван утре вечер по локално време.
Владата во Тајпеј одби да ги коментира наводите, додаде Кјодо.
Се очекува Пелоси да се сретне и со други тајвански претставници и да го напушти Тајван во среда.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан предупреди дека кинеската војска „нема да седи со скрстени раце“ доколку Пелоси го посети Тајван.
Пелоси денеска пристигна во Сингапур каде ја започнува својата азиска турнеја, но се уште не е официјално познато дали и таа ќе замине во Тајван.
Доколку го посети Тајван, Пелоси ќе биде највисокиот американски функционер што го посетил Тајван од 1997 година, кога тогашниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич го посети островот.