Општинскиот штаб за заштита и спасување ќе формира тричлена комисија која ќе треба да утврди кои се причините за излевање на Пчиња и Крива река поради обилните врнежи од дожд во изминатите денови.
Состојбата со речните сливови на подрачјето на Куманово сепак е стабилна, изјави денеска претставникот на општината Даниел Стојчевски, кој додаде дека редовно се врши контрола и се ангажира соодвена механизација доколку има потреба.
Но, надлежноста на Општина Куманово е само за Липковка, Којнарка и Кумановка.
– Сакам да изразам жалење за предизвиканите штети од поплавите и како Општина будна и понатаму ќе ја следиме состојбата и ќе реагираме согласно нашите надлежности. Како општина имаме надлежност на речните текови што се наоѓаат во град Куманово, односно во делот што е градежен реон, плански опфат кој ги вклучува реките Липковка, Којнарка и Кумановка, додека реката Пчиња и Крива река се под директна надлежност на Водостопанство Кумановско липковско поле. Состојбата со речните сливови е стабилна, редовно се врши контрола и се ангажира соодветна механизација доколку има потреба, изјави Стојчевски.
Како што појасни тој, во изминатите години општината редовно преземала мерки за чистење и уредување на овие речни текови и затоа денес во овие делови состојбата е под контрола и нема излевање на реките од нивните речни подрачја.
– На претпоследниот сотанок на Општинскиот кризен штаб беше упатена препорака до АД Водостопанство Кумановско липковско поле веднаш нивните екипи да излезат на терен со расположливата механизација и да делуваат во насока на надминување на состојбата во интерес на граѓаните. Како општина стоиме на располагање на „Водостопанство Кумановско-липковско поле“ и на други институции во рамките на нашите надлежности. Доколку имаат потреба од дополнителна помош за справување со состојбата и спречување на поплави иако располагаме со скромни средства, општината директно ќе се вклучи запазувајќи ја законската процедура, но до овој момент немаме добиено такво барање, изјави Стојчевски.
Општина Куманово преку ЈП „Чистота и зеленило“ има свои објекти во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце кој е поплавен, но за да ангажира соодветна механизација за евентуално чистење на теренот мора да добие барање од Општина Старо Нагоричане на чија територија се наоѓа „АСНОМ“.
– Се работи за соседна општина зафатена со поплавата, во тој дел општина Куманово преку ЈП „Чистота и зеленило“ располага со одредени објекти, сега за сега она што го имаме како информација е дека објектите во внатрешниот дел не се зафатени, но има нанос на вода околу објектите и ако има потреба и имаме согласност Општина Куманово ќе интервенира, од страна на приватни стопанственици веќе имаме на располагање машини кои ќе можеме да ги користиме, но претходно ќе треба да добиеме барање бидејќи се работи за територија и област што не е надлежност на Општина Куманово, вели Стојчевски.
Постојат три критични точки во овој момент, вели тој, водата се повлекува, но нови врнежи се очекуваат веќе утре.
Директорот на ЈП „Водостопанство Кумановско-липковско поле“ Оливер Илиевски вели дека механизацијата е во селата Пчиња и Довезенце, каде се работи за заштита на неколку куќи и штали.
– Вчера бевме во Бељаковце, на патот кој води кон Куманово бидејќи тоа население да не остане со непристапен пат. Претходно работевме во село Војник и Драгоманце. Состојбата на реките во моментот се стабилизирра, река Пчиња почнува да опаѓа, очекуваме од утре поголемо опаѓање, додека Крива река е на исто ниво од вчера очекуваме од утре исто да почне да опаѓа. Во наредниот период нема да има ваква кризна состојба, вели Илиевски.
Како што појасни директорот Илиевски, излевања имало на неколку места, но не се причинети големи материјални штети.
– Едно од тие места е ова помеѓу селата Јачинце и Клечовце, овде се собира голема дрвна маса која го попречува нормалниот проток на вода, додека имавме мало излевање кај меморијалниот центар таму имаше огромни количини на вода, а имаше и паднати дрвја. Во моментот втората екиопа е во село Пчиња да не дојде до нанесување на дрвна маса на мостот, кој е оштететмн од прехдовни години. Едниот столб е оштетен да не дојде до нарушување на стабилноста на истиот ја следиме состојбата, изјави Илиевски.
Инаку водостојот на реката Пчиња кај селото Пелинце, според последните мерења од станиците на Управата за хидрометеоролошки работи, направени во 07:30 часот утринава, покажува водостој од 122 сантиметри, што е опаѓање во однос на вчерашните 1,5 метри измерени околу 16 часот.