Некогаш една од најубавите жени во Русија, Јулија Тарасевич (43), решила храбро да ја сподели својата застрашувачка животна приказна со целиот свет со која се соочила по повеќекратните естетски интервенции.
Сега, како што тврди, не може правилно да ги контролира сопствените очи, не може да ги затвори очите до крај, ниту пак слободно да се насмее.
Јулија пред две години беше втора на меѓународниот натпревар за убавина „Дамите на Русија“, но набрзо решила да оди на низа процедури во клиника во Краснодар, на југот на Русија.
Мајката на две деца изјавила дека лицето набрзо ѝ станало екстремно отечено и воспалело, иако зафатите ги правела во призната медицинска установа и за нив платила дури 3.000 фунти, што е околу 3.600 евра.
Интервенциите на нејзиното лице вклучувале затегнување на кожата, блефаропластика (козметичка корекција на очните капаци) и мини-липосукција.
– Дојдов кај нив со здраво лице и само сакав да корегирам некои брчки настанати од стареењето. Но, за жал, го загубив здравјето – низ солзи раскажала Јулија и открила дека повеќе не може да движи поголеми делови од лицето, ниту да ги затвора очите, и покрај тоа што била подложена на уште една операција за која дала речиси 24.000 евра за да си ја подобри состојбата.
Сепак, сè уште е неуспешно.
Несреќната Јулија сега поднела кривична пријава против двајца лекари, Андреј Комаров и Омар Калед, кои учествувале во нејзините првични операции, иако тврдат дека компликациите настанале како последица напредок генетски дефект.
Поради нејзиниот вроден проблем, беше невозможно да се предвиди дека тоа ќе се случи. Дефектот наречен склеродерма резултира со тврди, задебелени делови на кожата и понекогаш може да предизвика проблеми со внатрешните органи и крвните садови бидејќи имунолошкиот систем на жртвата го напаѓа сврзното ткиво под кожата. Но, досега не се пронајдени докази кои укажуваат на тоа дека Јулија страдала од оваа состојба.
– Имам лузни кои ми се формираа на образите кога ми го скинаа целото ткиво. Очите не ми се затвораат и не можам да се смеам. Не можам да ја подигнам горната усна, а еден дел од лицето воопшто не ми работи – истакна Јулија во интервју за ТВ Русија 1 и додаде дека сите тестови биле во ред пред интервенцијата.
– Пред таа процедура отидов на операција на носот и ми помина совршено, без никакви генетски абнормалности – нагласи таа и откри дека хирурзите ја прогласиле за единствен виновник за тоа што се случило.
„Лекарите кои ми го нагрдија лицето и се ослободија од сета одговорност“, додаде таа.
Д-р Калед, пак, рече дека случајот е „претеран“ и дека тој и д-р Комаров сега се под истрага за кршење на законот за безбедност на животот и здравјето.
Портпаролката на рускиот истражен комитет Ана Пушкина изјави дека е нареден судски лекарски преглед за да се утврди сериозноста на штетата по здравјето, а утврдени се и други пациенти кои би можеле да настрадаат поради неквалитетните услуги во споменатата клиника.
Истрагата за кривичното дело е во тек.