Третиот по големина британски снабдувач со енергија се извини откако ги советуваше своите клиенти да ги „гушкаат миленичињата“ за да се загреат и да заштедат на сметките.
Оваа недела Ovo Energy им испрати на своите клиенти листа со десет „лесни и економични начини“ како да ги загрее оваа зима.
Покрај гушкањето со домашните миленици, на корисниците им се советуваше да ги предизвикуваат децата на натпревар во хула-хоп, да вежбаат или да ги чистат своите домови.
Сето ова во време кога се очекува раст на цените на енергијата и животните трошоци во Британија.
Според некои прогнози, сметките за гас и струја може да се зголемат за повеќе од 50 отсто за милиони домаќинства во април.
Дарен Џонс, член на британскиот парламент и претседател на Комитетот за бизнис, енергија и индустриска стратегија, советот го нарече „навредлив“ и ја повика компанијата да се извини.
„Не сум сигурен кој ја одобри маркетинг кампањата која ги советува луѓето да носат џемпери и да јадат каша ако не можат да си дозволат греење“, напиша Џонс подоцна на Твитер.
Компанијата во меѓувреме се извини за содржината и ја нарече „лоша проценка“.
„Разбираме колку тешка ќе биде ситуацијата за многу наши клиенти оваа година. Се обидуваме да најдеме значајни решенија за пристап кон оваа енергетска криза. Ние сме засрамени и искрено се извинуваме“, изјавија тие за „Фајненшл тајмс“.