Времето денеска во Македонија ќе биде облачно со пообилни врнежи (локално над 25л/м2 ) кои во западните и северните делови, како и на повисоките места ќе бидат претежно од снег, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Ќе се формира нова снежна покривка, особено во западните делови. Ќе дува слаб до умерен, вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Куманово и околината денеска ќе имаме облачно и постудено време со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен, односно северозападен правец. Температурата во утринските часови ќе се движи околу нулата, додека максималната дневна температура ќе достигне три степени целзиусови.
Ноќта кон вторник се очекува врнежите да преминуваат од дожд во снег.
Во текот на денот во вторник ќе имаме облачно време со врнежи од дожд. Ќе дува ќе дува слаб до умерено засилен ветер од северен, односно северозападен правец, кој на моменти ќе достигне брзина и од 40 километри на час.
Температурата во утринските часови ќе биде три степени под нулата, додека максималната дневна ќе достигне четири степени целзиусови. Во текот на ноќта кон среда врнежите од дожд ќе преминат во снег.
Среда носи променливо облачно време со услови за врнежи од снег, но и за кратки сончеви периоди во текот на денот. Ќе дува слаб до умерено засилен ветер од северен, односно северозападен правец со брзина и до 43 километри на час. Утринската температура ќе се спушти до -8 степени целзиусови, додека дневниот максимум ќе изнесува само два степени целзиусови.
Во четврток ќе имаме променливо облачно, но релативно студено време. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. температурата во утринските часови ќе биде околу -8 степени целзиусови, а во негатива од еден степен ќе остане и максималната дневна.
Сончево и ведро ќе биде небото во петок. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. температурата во утринските часови ќе биде околу -5 степени целзиусови, а максималната дневна се очекува да се искачи до третиот степен.
Првиот ден од викендот што претстои ќе имаме сончево време со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен, односно северозападен правец. Температурата во утринските часови ќе изнесува -6 степени целзусови, а максималната дневна се очекува да достигне до четири степени во позитива.
Слично време ќе имаме и в недела, кога утринската исто така ќе изнесува -6 степени, а дневниот максимум четири.
Стабилно време со ниски утрински температури ќе се задржи до средината на следната работна недела.
Никола Ивановски