Група цвеќари и градинари од Северна Кореја „мистериозно“ исчезнаа од оваа азиска земја во последните денови.
Не, тие не успеале да побегнат од лудиот режим на Ким Џонг-ун, туку станале последните жртви на тој режим.
Бегониите од видот „кимџонгилија“, именувани по покојниот татко на суровиот диктатор, требало да бидат подготвени за 16 февруари, за да го прослават роденденот на поранешниот лидер, но не процветале на време, па несреќните работници биле испратени во работните логори ширум земјата, за да размислат добро зошто тоа не се случило.
– Оранжериите во кои ги одгледуваме овие цвеќиња едноставно немаа доволно средства за успешна сезона. Тие бараат многу топлина и грижа, но ние ги немавме тие средства. Шефот на фармата каде што се одгледуваат морал секој ден да оди во полиција за да напише извештај за состојбата на цвеќето за тој ден. Покрај тоа, тој морал да ги наведе виновниците за неуспехот – изјавил анонимен извор за британскиот DailyNews.
Според достапните информации, цвеќарите и градинарите добиле минимум шест месеци затвор.
Но, бидејќи тие ќе ја „одлежат“ таа казна во еден од бруталните работни логори во Северна Кореја, нивните семејства со право се загрижени дека никогаш повеќе нема да ги видат.