Не е пронајдено телото на 60-годишната Стојанка од Челопек

Сподели со своите пријатели

Телото на 60-годишната Стојанка од селото Челопек, општина Старо Нагоричане, за која дел од мештаните сметаа дека загинала во пожарот, не е пронајдено.

Утринава од Министерството за внатрешни работи за Кумановски Муабети велат дека вчера увидни екипи биле цел ден на терен, но не е пронајдено нејзиното тело.

Според очевидци од терен полицијата вчера пребарувала на сите страни. Најпрвин градежна механизација внимателно ги кренала паднатите ѕидини од изгорената куќа, каде потоа и рачно било пребарувано, но не било пронајдено ништо.

Во еден момент увидните екипи го провериле и бунарот во близина на домот, но и таму не било пронајдено телото, како ни во шталата, што ги остави увидните екипи зачудени.

Мештаните на селото Челопек велат дека била тешко подвижна и непосредно пред пожарот ја виделе во дворот, по што ѝ се губи трагата. Од друга страна, дедо Борис со кого била во вонбрачна заедница, вели дека Стојанка се вратила во куќата и се заклучила во страв и паника од огнените јазици.

Тој тргнал да го спаси тракторот, но за неколку минути веќе не можел да се врати по неа, бидејќи огнот бил од големи размери.

Додека не се пронајде телото на Стојанка, МВР ќе ја води за исчезната, иако вчера директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на прес конференција упати сочувство до дедо Борис и рече дека тоа што се случи во селото Челопек е страшно.

Каде е Стојанка, дали е жива или е прва жртва на пожарите е прашање на кое во овој момент никој нема сигурен одговор.

Никола Ивановски

Leave a Reply