Од 1990 до 2015 година, бројот на диви пчели на глобално ниво е намален за една четвртина, според податоците на Глобалниот информативен објект за биодиверзитет (GBIF), глобална мрежа која собира податоци за биодиверзитетот со отворен пристап, и тие биле собрани од музеи, универзитети и благодарение на експерти-аматери.
Ова не значи дека одредени видови пчели изумреле, но станале толку ретки што е скоро невозможно да се проучуваат во природата, пишува Гардијан.
Дивите пчели, познати и како солитарни пчели или осамени пчели, живеат надвор од кошниците и немаат кралица. Тие се многу успешни опрашувачи и имаат слаб убод, кој ретко го користат.
Благодарение на соработката со истражувачи-аматери и можноста за споделување податоци, научниците собраа повеќе информации и заклучија дека бројот на диви пчели се намалува.
Не е катаклизма, но не можеме да бидеме задоволни од состојбата во која се најдоа пчелите, изјави водечкиот автор на студијата, биологот Едуардо Затара од аргентинскиот државен универзитет Комахју, кој е исто така член на Националниот совет на Аргентина за научни и технички истражувања (Коникат).
На секои десет години, бројот на инсекти на глобално ниво се намалува за 10 до 20 проценти
Бројни неодамнешни студии покажаа дека бројот на сите инсекти се намалува за 10 до 20 проценти на секои десет години, што, вели Затара, е апсолутно застрашувачка бројка.
Студија спроведена во текот на 2020 година во САД сугерира дека недостаток на пчели во земјоделските области ја ограничува достапноста на одредени видови земјоделски култури.
Во исто време, британската влада неодамна им дозволи на земјоделците да користат неоникотиноиди во одгледувањето шеќерна репка, и покрај тоа што е пестицид што убива пчели.
Во Европската унија, неговата употреба беше забранета во 2018 година.
Најновата студија, објавена во списанието One Earth, анализирала податоци за 20.000 видови пчели од целиот свет, собрани во текот на три века.
Истражувањето покажа дека падот на бројот на пчели не е ист кај сите видови и дека не е рамномерно распореден меѓу пчелните семејства.
Научниците открија дека бројот на халиктидни пчели, втора по големина во светот, е намален за 17 проценти од 1990 година, додека бројот на пчели мелитиди е намален за повеќе од 41 процент.
Видот melitidae бил и до денес останува меѓу ретките.
Експертите предупредуваат дека недостатокот на податоци за падот на бројот на инсекти во тропските делови на нашата планета го оневозможува разбирањето на причините за глобалниот пад на бројот на пчели. Податоците за GBIF важат само за Северна Америка и Европа.
Глобален тренд на опаѓање на некои пчелни семејства
Затара рече дека иако студијата не го утврдила статусот на одделни видови пчели, тоа јасно укажува на глобален тренд на намалување на биодиверзитетот во рамките на популацијата на пчелите.
– Ние сакаме да истакнеме дека тоа го потврдува фактот дека она што се случува локално, се случува и на глобално ниво. За да може знаењето за овој проблем да биде што е можно повалидно, потребно е јавно да се споделат податоци и нови знаења, смета аргентинскиот биолог.
Тој исто така предупреди дека очекувањето на дополнителни информации што попрецизно ќе утврдат за кои видови пчели станува збор, може да резултира во неможност за нивно спасување.
– Во секој случај, нешто се случува со пчелите и нешто треба итно да се стори. Едвај чекаме да бидеме целосно сигурни во некои сознанија затоа што на тој начин ретко успеваме да постигнеме нешто во природните науки, појаснува тој.
– Нашиот следен потег е да ги охрабриме креаторите на политиката да преземат активности додека сè уште имаме време затоа што – пчелите не можат да чекаат, предупреди тој.