НАТО денеска објави дека става дополнителни сили во готовност и испраќа повеќе бродови и борбени авиони во Источна Европа, додека Русија продолжува да акумулира војници во близина на Украина.
Алијансата соопшти дека го засилува своето „застрашувачко“ присуство во регионот на Балтичкото Море. Неколку земји-членки на воената алијанса, која има 30 членки, понудија војници и опрема.
„НАТО ќе продолжи да ги презема сите неопходни мерки за заштита и одбрана на своите сојузници, вклучително и со зајакнување на источниот дел на Алијансата. Секогаш ќе одговориме на секое влошување на нашата безбедносна средина, вклучително и со зајакнување на нашата колективна одбрана“, се вели во соопштението на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Британија и САД ги повлекуваат дипломатите од Украина: „Постои ризик од инвазија од Русија“
Данска испраќа фрегата во Балтичкото Море и борбени авиони Ф-16 во Литванија.
Шпанија испраќа бродови за да им се придружи на поморските сили на НАТО и размислува да испрати борбени авиони во Бугарија.
Франција е подготвена да испрати војници во Бугарија, соопшти Алијансата.
Министрите за надворешни работи на ЕУ на денешниот состанок се обидуваат да покажат дополнителна решителност да ја поддржат Украина, додека Ирска предупреди дека новите руски воени вежби надвор од нејзините брегови не се добредојдени, со оглед на тензиите околу можните намери на рускиот претседател Владимир Путин да ја нападне Украина.
„Сите членки на Европската унија се обединети. Покажуваме невидено единство околу ситуацијата во Украина со строга координација со САД“, изјави министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел за новинарите во Брисел.
По пристигнувањето во Брисел, ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени изјави дека ќе ги информира колегите дека Русија планира да одржи воени вежби на 240 километри од југозападниот брег на Ирска, во меѓународни води, но и во близина на ексклузивната економска зона на земјата.
„Немаме моќ да го спречиме тоа, но секако јасно му ставивме до знаење на рускиот амбасадор во Ирска дека тоа не е добредојдено. Ова не е време за зголемување на воената активност и тензиите во контекст на она што се случува во и во Украина“, рече ирскиот министер.