Натепани пожарникари во Куманово, приведени две лица

Сподели со своите пријатели

Две лица од Куманово вчера попладне физички нападнале пожарникари спасители пред зградата на Територијалната противпожарна единица Куманово.

Како што информираат од полицијата, повреден е еден пожарникар, меѓутоа информациите на градоначалникот Максим Димитриевски велат дека повредени се три лица.

Од Секторот за внатрешни работи велат дека за случајот се приведени две лица.

– На 11.02.2026 во 17:45 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода Љ.Г.(32) и Ф.С.(32), двајцата од Куманово, велат од полицијата.

Како што се појаснува во соопштението, приведените се сомничат дека пред зградата на Територијална противпожарна единица Куманово физички го нападнале С.С.(35) од Куманово, вработен во Територијална противпожарна единица Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски со остра осуда за нападот врз пожарникарите, бара итно расветлување на случајот

– Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави, стои во соопштението.

Остра реакција имаше градоначалникот Димитриевски кој побара надлежните да реагираат соодветно.

– Најостро го осудувам нападот што вчера се случи врз тројца пожарникари од Противпожарната единица Куманово. Недозволиво е напад на службени лица при вршење на својата службена должност. Пожарникарите, како и сите лица кои се во служба на чување на безбедност на граѓаните заслужуваат почит, а не физички напади.  Апелирам надлежните институции итно да реагираат и да постапат согласно законот. Секој сторител на вакво дело треба да сноси одговорност. Посакувам побрзо опоравување и враќање на работните задачи  на повредените лица, стои во реакцијата на Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец остана без автомобил. Возел без возачка и со истечена регистрација

Осуда за инцидентот пристина и од Синдикатот на пожарникарите на Македонија кои велат дека нападот со тупаници и камења врз пожарникари – спасители пред самиот објект на единицата е недозволив чин на насилство врз луѓе кои се во служба на граѓаните!

– ​Нашите пораки се јасни. Пожарникарите се службени лица и бараме од Министерство за внатрешни работи и Обвинителството итно да ги процесуираат напаѓачите до Основниот суд Куманово. За напад врз овластено лице мора да има кривична одговорност. Хуманоста не смее да биде цел на напад: Ние сме тука за да спасуваме животи и имоти. Пожарникарите заслужуваат почит и безбедност на своето работно место, а не физички напади. ​Бараме правда. Овој случај не смее да помине неказнето за да не се повтори. Институциите мора да покажат дека законот важи за сите и дека нападот врз спасителите е напад врз целата заедница, велат од Синдикатот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Богата февруарска програма во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово

Според неофицијални информации на Кумановски Муабети, инцидентот се случил поради тоа што двете лица биле паркирани со свое возило пред противпожарната служба и им го попречувале излезот на пожарникарите. Откако тие реагирале, биле нападнати.

Никола Ивановски