За 130 првачиња од Општинското основно училиште „Браќа Миладиновци“ денеска започна училишната година.
По ковид протоколите со маски и дезинфекција, ќе се оди годинава на настава, а пред да го имаат првиот час денеска првачињата имаа можност да проследат кратка програма од нивните повозрасни соученици на спортскиот терен зад училишната зграда.
Како што вели директорката Јасминка Спасовска, вели дека е се подготвено согласно протоколите на Комисијата за заразни болести и Владата да започне наставата.
– Годинава се понудени три модели на учење, првиот е со физичко присуство, вториот е комбинирана настава физичко присуство и онлајн и третиот учење од далечина. Со оглед како ќе се движи состојбата со ковид така ќе се носат мерките, сега за сега одиме во прва смена. Останува традиционално дека сме единствено училиште во градот, каде во една зграда имаме две училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, ние почнуваме со прва смена две недели, а „Крсте Мисирков“ во втора смена, потоа се менуваме, појасни директорката Спасовска.
Првите денови, како што вели директорката ќе бидат денови кога ќе има скратена настава за првачињата со цел да се адаптираат на училишната средина.
– Се договоривме со наставничките и со оглед на периодот на адаптација на учениците, периодот каде нивниот психомоторен, когнитивен, интелектуален и најважно емоционалниот развој бара прилагодување на услови и средина, прилагодување на возрасни ликови, така да овие неколку денови ќе одиме со скратена некоја програма за да се прилагодат, адаптираат и да се прилагодат на мерките пропишани во училиштето, носење маска, миење рачиња, период за дезинфекција, период за проветрување на протсториите, така да од наредната недела ќе започнуваат во координација со родителите и наставниците ќе биде продолжено времето за присуство во училниците, вели таа.
Инаку годинава во центрлното училиште „Браќа Миладиновци“, специјалното „Тане Георгиев“, како и реонското училиште во Соколана и двете подрачни во Студена Бара и Пчиња, настава ќе посетуваат вкупно 1.525 ученици.
Никола Ивановски