„Насилство во Центар“ ја одложи „Траекторија“

Сподели со своите пријатели

Судењето за предметот „Траекторија“ на СЈО во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, е одложено за 26 декември.

Рочиштето е одложено бидејќи во истата судница денеска треба да продолжи судењето за случајот „Насилство во Центар“.

Претходно, одбраната на обвинетите побара одложување бидејќи немало услови за визуелно и тонско снимање поврзано со АКМИС системот.

Судијата Горан Бошевски го одби барањето на адвокатот Димитар Данго, со образложение дека судската расправа се снима визуелно и тонски со две камери и по завршувањето на рочиштето ќе биде изготвен ДВД запис што ќе им биде предаден на странките, и не треба да се објавува надвор од кривичната постапка. Тој додаде дека по секое рочиште видео и тонскиот запис се верификуваат во системот.

Одбраната побара и дополнително време за увид во доказите, на што обвинителката од СЈО Лиле Стефанова рече дека сите докази им се доставени на це-де во два наврата за време на истрагата за случајот, а  имаат и транскрипти од „бомбите“. Посочи дека вкупно 315 телефонски разговори и СМС пораки се дел од доказите во овој предмет, а најголем дел од нив не се објавени во јавноста. Стефанова кажа дека обвинетите и одбраната имале можност да слушаат „бомбите“ во СЈО, но не го направиле тоа.

Обвинетите „Траекторија“ беа присутни на денешното рочиште. Во „Траекторија“ обвинети се Груевски, Пешевски, Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие се осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.

Извор: МИА