Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека размислува да ја користи Националната гарда за обезбедување на улиците на Вашингтон, повторувајќи ги претходните закани за можно преземање на градската влада.
– Нашиот главен град не е безбеден. Ние мора да го водиме градот Вашингтон. Тој мора да биде најдобро управуваното место во земјата – рече Трамп.
Изјавите на Трамп, како што објави Ројтерс, следеа по инцидентот за време на викендот во кој беше нападнат млад соработник од таканаречениот Оддел за владина ефикасност (DOGE), поранешен проект предводен од милијардерот Илон Маск, поранешен советник на Трамп.
– Ќе го разубавиме градот. Ќе го направиме убав. Срамно е што се случува, стапката на криминал, грабежи, убиства и сè друго. Повеќе нема да го дозволиме тоа. Ова вклучува и можно брзо распоредување на Националната гарда, рече Трамп.
Според податоците од Полициската управа на градот Вашингтон, криминалот во првите седум месеци од 2025 година се намалил за 26 проценти во споредба со истиот период минатата година, објаснува Ројтерс.