Населението во Македонија старее: Алармантни податоци за пензискиот систем и грижата за старите лица

Сподели со своите пријатели

Македонија се соочува со сериозен и забрзан процес на стареење на населението, што носи сериозни предизвици за одржливоста на пензискиот систем и системот за социјална заштита, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.

Ревизијата утврдува дека, иако институциите преземаат одредени мерки, тие не се доволни за да обезбедат долгорочна стабилност.

Пензискиот систем функционира, но неговата одржливост е нарушена поради неповолните демографски трендови, ниските приходи од придонеси и растечките буџетски трансфери.

Само во 2024 година, трансферите од државниот буџет за исплата на пензии достигнале околу 690 милиони евра, а се очекува нивно дополнително зголемување.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ЗНАМ: СДСМ директно ја кочи реформската агенда преку опструкција на законот за ЈО

Овој тренд претставува значителен притисок врз јавните финансии, особено ако се земе предвид дека зголемувањето на пензиите не е проследено со раст на платите и бројот на вработени кои плаќаат придонеси.

Дополнително загрижуваат и демографските проекции.

Според податоците, уделот на лицата над 65 години ќе се зголеми на над 34 проценти до 2055 година, додека работоспособното население ќе се намали за речиси половина милион лица.

Во исто време, бројот на лица над 80 години ќе се зголеми повеќекратно, што ќе создаде дополнителен притисок врз здравствениот и социјалниот систем.

Системот за грижа за старите лица, според ревизорите, е недоволно развиен. Услугите за долготрајна нега се достапни за помалку од еден процент од лицата над 65 години, а во дел од општините воопшто не постојат. Поради тоа, најголемиот дел од грижата паѓа на семејствата и неформалниот сектор.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Велики четврток: Ден кога црвени јајца се вапцаат пред изгрејсонце

Дополнителен проблем е тоа што државата веќе неколку години нема активна сеопфатна стратегија за стари лица, што укажува на недостаток на координиран пристап кон овој растечки предизвик.

Ревизорите предупредуваат дека без навремени и суштински реформи, ризиците за јавните финансии и социјалната стабилност ќе продолжат да растат.

Како клучни мерки се посочуваат зголемување на возраста за пензионирање, прилагодување на придонесите, како и значително проширување на услугите за грижа за старите лица.

Никола Ивановски