Кина го отфрли како неодговорно обвинувањето на директорот на НАСА дека Кина може да ја „преземе“ Месечината како дел од воената програма, велејќи дека отсекогаш повикувала на изградба на заедница на нации во вселената.
Кина го засили темпото на својата вселенска програма во изминатата деценија, со фокус на истражување на Месечината.
Прво слета на Месечината без екипаж во 2013 година и очекува да лансира ракети доволно моќни за да испрати астронаути на Месечината подоцна оваа деценија.
„Мораме да бидеме многу загрижени поради тоа што Кина слетува на Месечината и вели: „Сега е наше, а вие излезете“, изјави администраторот на НАСА, Бил Нелсон, во интервју објавено во саботата за германскиот весник „Билд“.
Шефот на американската вселенска агенција рече дека кинеската вселенска програма е воена програма и дека Кина украла идеи и технологија од други.
„Ова не е прв пат шефот на американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација да ги игнорира фактите и да зборува неодговорно за Кина“, изјави Жао Лиџијан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
„Американската страна постојано конструираше оцрнувачка кампања против нормалните и разумни напори на Кина во вселената, а Кина решително се спротивставува на таквите неодговорни забелешки“.
Кина отсекогаш промовирала изградба на заедничка иднина за човештвото во вселената и се спротивставувала на нејзиното вооружување и секоја трка во вооружување во вселената, рече тој.
НАСА, како дел од својата програма Артемис, планира да испрати мисија со екипаж во орбитата на Месечината во 2024 година и да спушти екипаж во близина на јужниот пол на Месечината до 2025 година.
Кина планира мисии без екипаж на јужниот пол на Месечината оваа деценија.