Јеменските Хути извршија нов напад на брод во Аденскиот Залив, последен во низата на оваа клучна рута за поморската трговија, соопшти денеска Центарот за операции за поморска трговија на британската армија.
Капетанот на бродот пријавил експлозија во близина на бродот во близина на брегот во јеменската област Ништун, во близина на границата со Оман, се вели во соопштението, пренесе АП.
Членовите на екипажот на бродот, чие знаме не беше објавено, не се повредени.
Во соопштението на Оперативниот центар не е прецизирано како дошло до експлозијата, иако е познато дека Хутите користат беспилотни летала и проектили, како и поморски дронови.
Хутите ја презедоа одговорноста за три напади еден ден претходно.
Припадниците на јеменските Хути целеа повеќе од 70 бродови со проектили и беспилотни летала за време на нивната кампања, а четворица морнари беа убиени во тие напади.
Од ноември минатата година запленија еден и потопија два брода.
Во јуни, бројот на напади на Хутите врз трговски бродови се зголеми на највисоко ниво од декември, според Поморскиот разузнавачки центар на американската морнарица.
Од јануари, серија воздушни напади предводени од САД се извршени против Хутите, а во нападите на 30 мај најмалку 16 лица загинаа, а 42 се ранети, објавија јеменските Хути.
Хутите тврдат дека се насочени кон бродови поврзани со Израел, САД или Велика Британија како поддршка на милитантната група Хамас во нејзината војна против Израел во Појасот Газа.
Многу од нападнатите бродови, сепак, имаат мала или никаква врска со војната Израел-Хамас, а некои од нив пловеле за Иран, наведува АП.