Над 200 ученици со своите наставници денеска беа дел од Денот без сообраќај во Куманово, во рамките на Европската недела на мобилност.
Најмладите на овој начин сакаа да апелираат за што поголема употреба на алтернативните превозни средства, наместо автомобилите кои во пресрет на есенско-зимската сезона ќе го зголемат загадувањето на воздухот во градот.

Настанот беше поддржан од Општина Куманово, Секторот за внатрешни работи Куманово, а учество зедоа повеќе основни училишта.
– Сакам да се заблагодарам на сите, воедно да апелирам што помалку да ги користиме моторните возила, а што повеќе да се движиме пеш и да ги користиме велосипедите. Општина Куманово како што знаете започна акција за обезбедување на сообраќајните површини односно тротоарите и велосипедските патеки да им ги врати на велосипедистите и пешаците тоа го започнавме со акција на булеварот „Октомвриска револуција“, имаме за цел да продолжиме и на „Трета МУБ“, рече градоначалникот Максим Димитриевски.

Како што појасни првиот човек на Куманово, контејнерите над џамијата на улицата „11 Октомври“ ќе се поместат, а ќе се отвори кракот на улицата „11 Ноември“ кон населбата Бедиње, со што ќе се создаде простор за нови паркинг места, а постоечките површини кои времено сега се користат за паркирање автомобили, ќе бидат патеки за велосипеди.
– Апелирам што помалку да користиме автомобили особено во зимскиот период кој што претстои, да го користиме градскиот превоз кој што од ден на ден се подобрува со својот квалитет и со цел да се намали загадувањето. Поддршка до сите спортски здруженија кои се занимаваат со спортот, особено со велосипедизмот, а во нашиот град ги имаме многу, воедно поддршка и на професорите кои работат на едукација на најмладите на овој план, секако заедно можеме многу повеќе, додаде Димитриевски.

Домаќин организатор на настанот беше ООУ „Крсте Мисирков“, а учество зедоа и повеќе други образовни институции.
– Од нашето училиште учествуваат 80 ученици, кои се активно вклучија на велосипед и не само овој ден треба да продолжиме и другите денови да користиме велосипеди барем тука во централното градско подрачје, апел и до родителите бидејќи овде овие две улици се најмногу оптеретени со сообраќај, за тоа го имаме известено и СВР Куманово, па апел и до родителите можеме да одиме пеш да се движиме додека дозволуваат временски услови, со велосипед, знаеме дека во зимскиот период сме еден од најзагадените градови, можеме барем овде да се движиме со велосипед, изјави Александар Јовановиќ, директор на ООУ „Крсте Мисирков“.

Засега Општина Куманово нема доволно средства во Буџетот за субвенционирање на набавката на алтернативни превозни средства, по примерот на Град Скопје, но според градоначалникот Димитриевски тоа е опција која може да се разгледа во иднина.
Повеќе фотографии во текот на денот на нашиот Инстаграм профил.

