Најуспешните извршителки лани направиле профит од речиси еден милион евра

Сподели со своите пријатели

Во прилог втор дел  анализа за извршителите, каде Пари ги открива 10те извршители со најголеми добивки.

Loading...

Извршителите, како што веќе пишуваше порталот Пари, минатата година успеале да наплатат над 145 милиони евра долгови од граѓаните, од фирмите и од државата. За тоа 98 извршители, колку што ги има во државава, си реализирале чист профит од околу 4 милиони евра. Но, првите 10, со вкупна добивка од околу 1,17 милиони евра, во колачот учествуваат со нешто над 29 проценти, покажува анализата на Пари.

Според списокот на Комората на извршители, бројот на жени и на мажи кои ја работат оваа професија е речиси идентичен – има 48 жени извршителки и 50 мажи извршители. Но, кога се во прашање профитите, жените се поуспешни, па така во првите 10 извршители по добивка, само еден е маж. Деветте најмоќни извршителки минатата година успеале да направат чист профит од речиси 1 милион евра!

На чело на листата, според годишните извештаи, е скопската извршителка Весна Деловска, која има чиста добивка од 150.000 евра. Воедно, таа има примено најголем број – 8.960 извршни барања во 2022 година, а од нив реализирала само 190, но заедно со примените барања од претходниот период, вкупниот број реализирани извршни барања бил 802.

Следи битолчанката Николина Иванова, со околу 140.000 евра добивка. Таа во периодот од 1 јануари до 31 декември минатата година имала 1.693 барања за извршувања, од нив реализирала 383, а во текот на годината заедно со заостанатите барања, вкупната реализација била 597 предмети.

На третото место е Премтим Ќерими од Куманово. Профит од 127.000 евра му донела реализацијата на вкупно 517 извршни барања во 2022 година. Инаку, лани тој примил 1.593 извршни барања, а од нив реализирал само 166.

Четврта на листата е Катерина Кокина, која направила профит од 124.000 евра. Таа лани примила 3.587 барања за извршувања, од нив реализирала 819, а заедно со старите барања бројот на завршени предмети во текот на минатата година бил 1.460.

Петорката се заокружува со Гордана Џутеска од Струга и добивката од 119.000 илјади евра. Таа примила 2.142 брања за извршување, од нив реализирала 395, а вкупниот број реализирани извршни исправи за цела ланска година бил 1.152.

Loading...

Како што може да се види, има голем расчекор меѓу примените барања за извршување и извршените. Податоците до кои дојде Пари покажуваат дека процентот на реализација на сите примени барања за извршувања е 10,7 %. Но, и со таква реализација, извршителите одлично заработуваат.

ТОП 10 ИЗВРШИТЕЛИ ПО НЕТО-ДОБИВКА ВО 2022 ГОДИНА

*бројките се заокружени за полесно да допрат до широката јавност

 

КАКО БЕШЕ ВО 2021 ГОДИНА?

Ако се спореди минатогодишната профитабилност на извршителите со нивните нето-добивки од 2021 година, ќе се види дека ланската најпрофитна извршителка, Весна Деловска, има значително поголем профит во споредба со тоа што го остварила во 2021 година, кога била на седмото место по добивка.

Во 2021 година на прво место била извршителката Катерина Кокина, со 130.000 евра профит, што е помал од минатогодишниот рекорд на Деловска од 150.000 евра. Кокина лани се симнала на четвртото место од прекланското прво.

ТОП 10 ИЗВРШИТЕЛИ ПО НЕТО-ДОБИВКА ВО 2021 ГОДИНА

 

Loading...

Како што може да се види, минатата година ТОП десетте извршители по добивки направиле поголем вкупен профит отколку ТОП десетте извршители за 2021 година. Разликата е околу 160.000 евра.

Споредбата на овие две години, сепак, покажува дека вкупниот профит на сите извршители во 2022 година е поголем за околу 600.000 евра и дека лани имале наплата на долгови за околу 15 милиони евра повеќе во однос на 2021 година.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/najuspeshnite-izvrshitelki-lani-napravile-profit-od-recisi-eden-milion-evra/