Најмладиот милионер во Македонија има само девет години, додека највозрасниот има 97 години, информираат од Управата за јавни приходи.
Деветгодишникот својот милион денари приход го остварил од закупнина, а 97-годишниот милионер по основ на пензија остварил 1,2 милиони денари.
За најмладото лице милионер во земјава, директорката на УЈП Сања Лукаревска, вели дека се работи по основ на некакво наследство и оттаму ги влече тие приходи.
Најголемата плата во 2022 година изнесувала 195.000 евра. Била остварена во дејноста трговија на големо со тутун.
Еден скопјанец пак пријавил заработка од околу 7 милиони евра, или нешто над 440 милиони денари. Како ги заработил и за кого станува збор, сепак е даночна тајна.
Околу 7.800 евра, пак била највисоката пензија.
Тетовец пријавил годишен бруто-доход од 181,9 милиони денари, или околу 3 милиони евра под ставка „други приходи“. Според УЈП, тоа се пари што му ги исплатиле странски компании за работа со социјални мрежи и видеоплатформи.
Во топ 10 најголеми заработувачи се адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија и од дејноста производство на амбалажи од хартија.