Најмалку пет лица убиени во израелски напади во Газа

Сподели со своите пријатели

Палестинските лекари денеска објавија дека во израелските воздушни напади загинале најмалку пет лица во Појасот Газа, меѓу кои две бебиња и една жена.

Loading...

Во еден напад била погодена куќа во градот Деир ал Балах, во која загинале двајца мажи и една жена, според болницата Ал Акса, која ги примила жртвите, пренесе АП.

Болницата соопшти дека примила и четиримесечно момче кое било убиено во напад што ја погодил неговата семејна куќа во бегалскиот камп Буреиј.

Во градот Газа, воздушен напад погоди куќа во населбата Шеик Радван, при што загина тринеделно бебе, соопшти итната служба на палестинското Министерство за здравство.

Израелската војска посочи дека мети на нејзините удари се милитантите, кои ги обвинува дека ги кријат меѓу цивилите.

Војната во Газа започна кога милитантите предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи околу 250 заложници.

Околу 100 заложници се уште се во Газа, од кои најмалку една третина се верува дека се мртви.

Повеќе од 45.800 Палестинци се убиени во израелската воздушна и копнена офанзива, се вели во соопштението на палестинското Министерство за здравство, кое не прецизираше колку од загинатите се членови на Хамас, но рече дека жените и децата сочинуваат повеќе од половина на мртвите.

Loading...

Израелската армија објави дека за време на војната во Газа биле убиени повеќе од 17.000 милитанти.