Најмалку четири лица загинаа во украински напади во регионот Белгород

Сподели со своите пријатели

Најмалку четири лица загинаа во украинските напади во руската област Белгород, на границата со Украина, изјави денеска регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков, додека властите во Москва објавија дека руските сили уништиле 38 украински беспилотни летала.

Loading...

„Последните 24 часа беа многу тешки за регионот на Белгород. Четири лица загинаа, а 20 се ранети. Во болница се уште 17 ранети, од кои двајца се во тешка состојба“, напиша Гладков на Телеграм.

Градоначалникот на Белгород, Валентин Демидов, изјави дека украинските сили извршиле ноќни напади низ регионот.

„Украинските вооружени сили продолжуваат да ги напаѓаат населбите во регионот Белгород“, напиша Демидов на Телеграм.

Руските сили синоќа уништија 38 украински беспилотни летала, соопшти руското Министерство за одбрана.

Како што беше соопштено, напади имало во регионите Курск, Воронеж, Волгоград, Ростов и Астрахан.

Вчера Русија истрела повеќе од 40 проектили од различен тип кон пет украински градови, насочени кон станбени згради и јавна инфраструктура, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Најмалку 20 лица загинаа, а околу 50 се ранети низ земјава, изјави министерот за внатрешни работи Игор Клименко.

Loading...

Во вчерашните напади беше погодена и детската болница во Киев, има жртви, но нивниот број се уште не е официјално соопштен.