Најмалку 56 лица загинаа во САД и Канада во зимската бура

Сподели со своите пријатели

Најмалку 56 лица досега ги загубија животите во силната зимска бура што ги погоди САД и Канада за време на празничниот викенд и се уште трае, јавува Би-би-си.

Loading...

Официјални лица соопштија дека 28 лица загинале во американската сојузна држава Њујорк, од кои повеќето во Бафало, бидејќи застрашувачката зимска бура продолжува да ја зафаќа Северна Америка.

Смртни случаи од невремето беа пријавени и во Вермонт, Охајо, Мисури, Висконсин, Канзас и Колорадо.

Западната американска држава Монтана беше најтешко погодена од студот, а температурите се спуштија до минус 45 степени Целзиусови.

Некои луѓе беа заробени во своите автомобили повеќе од два дена за време на она што беше „веројатно“ најлошата бура во нивните животи, изјавија официјални лица.

Се очекува да бидат откриени повеќе жртви бидејќи топењето на снежните наноси открива заглавени возила и обезбедува пристап до оддалечените домови.

Во делови од САД денеска се очекуваат и до 23 сантиметри снег, предупредуваат метеоролозите.

Американскиот претседател Џозеф Бајден одобри прогласување вонредна состојба со која се дозволува федерална помош за државата Њујорк.

Loading...

„Моето срце е со оние кои ги загубија најблиските овој празничен викенд“, напиша Бајден на Твитер.

Во најлош случај, дури 1,8 милиони домаќинства останаа без струја во САД, а илјадници летови беа откажани и одложени.

Бројот на домови без струја сега е околу 150.000, иако повеќе од 55 милиони американски граѓани остануваат под предупредувањето за екстремна температура издадено во неделата.

Најмалку 56 лица загинаа во невремето кое се протега од Канада до границата со Мексико.

Во Канада, провинциите Онтарио и Квебек беа најтешко погодени од снежното невреме, а четири лица загинаа кога автобус се преврте на заледен пат во близина на градот Мерит во западна Британска Колумбија на Бадник.

Локалните здравствени власти изјавија за канадскиот CBC дека 52 лица се примени во болница поради повредите здобиени за време на невремето, а дека 36 се задржани на лекување.

 

Летовите се откажани и во Канада, а речиси 140.000 домаќинства се без струја во Квебек и Онтарио.

Loading...

 

Канадската метеоролошка агенција соопшти дека температурите ќе останат ниски во многу делови од земјата оваа недела.