Бројот на жртви по експлозијата и пожарот во фармацевтска фабрика во јужната индиска држава Телангана се искачи на 36, додека десетици лица се повредени, соопштија денес локалните власти.
Противпожарната служба ги пронашла јагленисаните тела на 34 работници на местото на несреќата во индустриската зона, додека уште двајца работници биле прогласени за мртви во болница, соопшти полицијата, додавајќи дека урнатините на фабриката сè уште се расчистуваат за да се утврди дали има повеќе жртви.
„Целата структура на фабриката се урна. Пожарот е изгаснат и се надеваме дека ќе завршиме со отстранувањето на остатоците во следните неколку часа“, соопшти полицијата.
Во понеделник беа пријавени експлозија и пожар во фабрика што се користи за преработка на суровини во фин прав за производство на лекови.
Министерот за здравство на таа индиска држава, Дамодар Раџа Нарасимха, изјави дека 108 работници биле во фабриката во времето на експлозијата.
„Бидејќи телата беа тешко изгорени и осакатени, распореден е специјален медицински тим за да спроведе ДНК тестови“, рече Нарасимха, додавајќи дека државната влада формирала тим за да ја испита причината за инцидентот.
Индија е дом на некои од водечките светски фармацевтски компании, кои играат клучна улога во глобалното снабдување со генерички лекови и вакцини.
Индустриските несреќи не се невообичаени во овие фабрики.