Најмалку 19 Палестинци загинаа во израелските напади низ Појасот Газа во текот на минатата ноќ и утрото, според палестинските здравствени работници.
Најмалку 10 лица загинаа во израелски воздушен напад во Беит Ханун во северниот дел на Газа, а десетици други беа повредени кога беше погодена висока зграда, соопштија здравствените работници, пренесе Ројтерс.
Во друг воздушен напад, врз куќа во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, најмалку седум лица загинаа, а голем број луѓе беа ранети, објавија здравствените работници и палестинската државна служба за вонредни ситуации.
Според истите извори, уште две лица биле убиени во нападите во Рафах на југот на енклавата.
Според жителите на градот Деир ал-Бала во центарот на Газа, израелските поморски сили уапсиле шест палестински рибари кои претходно денеска се обиделе да пловат во Средоземното Море.