Најмалку 13 лица загинаа во Кенија за време на антивладините демонстрации кои се претворија во хаос, изјави денеска претставникот на Кениското лекарско здружение Симон Кигонду, оценувајќи дека билансот е привремен.
„Досега имаме најмалку 13 загинати, но тоа не е конечната бројка. Никогаш порано не сме го виделе тоа. Имавме насилство во 2007 година по изборите, но никогаш вакво ниво на насилство врз невооружени луѓе“, изјави Кигонду за Франс прес.
Полицијата соопшти дека во текот на ноќта испукала повеќе од 700 куршуми кон демонстрантите во Гитурај, предградие на Најроби, пренесува АП.
Демонстрантите кои се против предлог-буџетот за периодот 2024-2025 година и новите даноци, вчера насилно влегоа во собраниската зграда и запалија еден дел од неа, а пратениците избегаа.
Армијата беше распоредена во текот на ноќта за да ја поддржи полицијата за време на „безбедносната вонредна состојба“.
Претседателот Вилијам Руто ги нарече протестите „предавнички“ и вети дека ќе ги смири немирите „по секоја цена“.
Според граѓанските организации, повредени се повеќе од 100 луѓе. Засега не е познато колку лица се уапсени.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изрази жалење за податоците за загинатите и повредените.
„Ги повикувам кениските власти на воздржаност и повикувам сите демонстрации да се одржат мирно“, напиша тој на X.
Демонстрантите се главно млади луѓе фрустрирани од поскапувањето на горивата, храната и другите потреби.
Противењето на буџетот обедини голем дел од земјата, при што некои експлицитно ги отфрлаат племенските поделби што ја поделија Кенија во минатото.
Некои од луѓето кои страсно го поддржуваа Руто се почувствуваа изневерени.
Локалните медиуми со денови зборуваат за потребата од дијалог.
На протестите вчера беше и кениската активистка Аума Обама, полусестра на поранешниот американски претседател Барак Обама, пренесува Ројтерс.
Солзавец беше фрлен врз толпата во која таа беше, пред кенискиот парламент.