Со учество на ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“ денеска беше одбележан 21 Март – Денот на доаѓањето на пролетта.
Учениците, под менторство на наставничката Габриела Младеновиќ, изработија шарени цветни честитки кои ги поделија на деца и граѓани, упатувајќи им желби за убава и весела пролет.

Воедно, тие се претставија и со повеќе музички точки пред присутните, создавајќи весела и празнична атмосфера.

Настанот беше организиран од Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи и Општинскиот совет за превенција, кои традиционално секоја година ја одбележуваат оваа манифестација.

На крајот од настанот, на учениците и нивната менторка им беа доделени благодарници за нивниот труд, креативност и ангажман.
– Огромна благодарност до децата, родителите и наставникот Габриела Младеновиќ за трудот, креативноста и преубавите изработени честитки. Манифестацијата протече во убава и весела дружба на децата со полицијата, што предизвика радост и изненадување кај граѓаните“, изјави началничката на Отсекот за превенција, м-р Лиле Младеновска.

Со оваа манифестација уште еднаш беше испратена порака за значењето на заедништвото, креативноста и позитивната комуникација меѓу институциите и најмладите.














Никола Ивановски

