Обединетите нации во петокот испратија најголема количина хуманитарна помош во Појасот Газа откако на 7 октомври избувна војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, објави организацијата.
Прекинот на огнот што стапи на сила во петокот дозволи 137 камиони да растовараат стока на контролниот пункт на Палестинската агенција на ОН за бегалци (УНРВА) во Газа, соопшти ОН, додавајќи дека 200 камиони биле испратени од Ницана до граничниот премин Рафах.
Храна, вода, медицински материјали и други потреби беа доставени до стотици илјади луѓе, според ОН.
129.000 литри гориво и четири цистерни со гас влегоа во Газа, а 21 пациент во критична состојба се евакуирани од северниот дел на Газа.
„ОН го поздравуваат ослободувањето на 24 заложници кои се држат во Газа од 7 октомври и го повторуваат повикот за итно и безусловно ослободување на сите заложници“, објави организацијата.
„Хуманитарните агенции и партнерите на ОН ќе продолжат да ги засилуваат хуманитарните операции за да ги задоволат потребите на луѓето низ Газа во наредните денови“, се додава во соопштението.