И покрај преговорите за прекин на огнот, ситуацијата во Судан останува тешка. Очевидци известуваат за напади врз главниот град Картум.
Судан се соочува со најлошата хуманитарна криза во светот.
Неколку часа откако паравоените Сили за брза акција (RSF) се согласија на прекин на огнот во Судан, според жителите, се случија неколку експлозии во близина на главниот град Картум.
Синоќа, жителите беа разбудени од експлозии во близина на воената база Вади Саџид, објави очевидец од соседниот град Омдурман, кој се наоѓа на другата страна од Нил.
Картум припаѓа на областите на Судан над кои суданската армија има контрола.
Ниту армијата ниту RSF не дадоа никакви информации за инцидентите, ниту за бројот на можни жртви во таа африканска земја.
Напади и покрај преговорите за прекин на огнот
Во четврток (6 ноември), RSF соопшти дека прифаќа „хуманитарен прекин на огнот“ претходно предложен од САД, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.
Досега, суданската армија не го објави прекинот на огнот.
И покрај разговорите во текот на ноќта од четврток до петок, наводно биле нападнати неколку градови под контрола на суданската армија.
Од Омдурман, во близина на Картум, беше објавено дека во зори прво се слушнал лет на беспилотно летало, по што следеле експлозии во близина на електраната, што довело до прекин на електричната енергија.
Од Атбара, град кој е исто така контролиран од суданската армија, околу 300 километри северно од Картум, еден жител пријавил дека неколку беспилотни летала прелетале над градот во текот на ноќта, а подоцна биле соборени од противвоздушна одбрана.
После тоа, се слушнале неколку експлозии на истокот од градот.
Регионот околу главниот град Картум е релативно поштеден од борбите меѓу РСФ и армијата во последните месеци. Владините сили ја вратија контролата врз Картум во март.
РСФ, од друга страна, откако го освоија градот Ел Фашер во јужниот регион Дарфур, ги проширија своите напади во други делови од земјата, особено кон Кордофан во централниот дел, кој се граничи со Дарфур.
Борба за власт во Судан
Од 2023 година, армијата на командантот Фатах ал-Бурхан и RSF, кои беа создадени од озлогласената арапска милиција на неговиот поранешен заменик Мохамед Хамдан Дагал, се борат за власт во Судан.
Во 2019 година, ал-Бурхан и Дагало заедно го соборија од власт исламскиот автократ Омар ал-Башир.
Потоа Бурхан стана водач на воената хунта и де факто лидер на Судан, а Дагало негов заменик.
И двајцата ветија дека ќе воспостават цивилна власт најдоцна за две години, но конфликтот се случи затоа што RSF не беше интегриран во редовната армија, што требаше да се направи според меѓународно поддржаниот план за транзиција.
Од почетокот на конфликтот, беа спроведени неколку преговори за прекин на огнот, но без успех.
Најтешката хуманитарна криза во светот
Според проценките на Обединетите нации, оваа земја на североистокот на Африка доживува најтешка хуманитарна криза во светот.
Откако го освоија градот Ел Фашер во регионот Дарфур пред повеќе од една недела, RSF сега ги контролираат сите пет големи градови во регионот и речиси половина од населената област.
Според податоците на ОН, 65.000 луѓе избегале од Ел Фашер, додека десетици илјади сè уште се заробени во градот.
Стравувајќи од ширење на конфликтот, десетици илјади цивили избегале од Кордофан во последните недели.
Двете завојувани страни се обвинуваат меѓусебно за воени злосторства и најсериозни кршења на човековите права, и двете ги отфрлаат овие обвинувања.

