Ако се упатите кон исток од Куманово ќе останете изненадени од своевидна конфигурација, а малку потоа ќе забележите десетина карпести ридови кои се издигаат во околината на селата Младо и Старо Нагоричане.
Се добива впечаток дека навлегувате во непознат свет. Но, уште поизненадени ќе сте ако дознаете дека по тие безводни брда се одиграле судбоносни настани во минатото и дека овде се одвивал конинуиран населбински живот во текот на неколку временски периоди.
Околината на Младо и Старо Нагоричане е богата со остатоци од праисториски и средновековни материјални култури. Од средните векови се сочувани неколку базилики и еднобродни цркви, што индицираат дека овој крај бил густо населен.
Според преданието, само во атарот на селото Младо Нагоричане биле подигнати 12 цркви во средните векови од кои се сочувани во добра состојба две, додека останатите пет се само урнатини.
Најдобро е сочувана базиликата свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане. Таа е подигната во доцновизантиско време според легендата на императорот Роман IV Диоген ( XI век).
Разурнатата црква била обновена во 1313 година од кралот Милутин, а иконописана во 1318 година. во неа добро се сочувани фреските кои имаат висока уметничка и историска вредност во средновековната српска уметност.
Централен и доминантен објект во овој крај секако е ридот познат под името Нагоричанско градиште што се издига непосредно на училиштето, десно од патот Куманово – Страцин.
Природата како да се пошегувала тука, создавајќи незамисливо утврдување за одбрана на населението за време на историските немири. Всушност, венецот на овој рид има тркалеста форма, а на сите страни се спушта вертикално надолу повеќе од 12 метри.
Врвот на ридот е рамен со пречник од околу 100 метри и на него се сочувани повеќе остатоци од една утврдена населба од римското и рановизантиското време.
На многу места се видливи темелите од мали згради и околу нив парчиња од градежен материјал (тули и ќерамиди од римски форми).
Според кажувањата на жителите од овој крај, туак биле најдени неколку римски и византиски монети, а се откопани и големи питоси.
Во старата населба на Нагоричкото градиште е забележан населбински живот уште во праисториското време. за тоа сведочат фрагменти од бронза и керамички садови од бронзено време, што се среќаваат на врвот од ридот и неговите подножја.
На ова градиште се сочувани и остатоци од средните векови, најмногу керамички садови.
Денешните гробишта се лоцирани на местото каде постоела средновековна некропола, непосредно под самиот рид на источната страна. Таму е сочувана и мала средновековна црква, посветена на Света Петка.
Сето тоа иницира дека на овој карпест и безводен рид се одвивал континуиран населбински живот во текот на неколку периоди.
Населбата имала исклучиво одбранбен карактер за населението од овој крај.
Со својата доминантна положба, градиштето кај Младо Нагоричане играло голема улога за надгледување и чување на патиштата што воделе на север и исток. Најверојатно е дека во средните векови тука се наоѓал еден од поголемите центри на Жеглиговската жупа.
Текст на Апостол Керамитчиев од 1971 година
Извор „Наш весник“