Над 700 милиони луѓе се заробени во екстремна сиромаштија

Сподели со своите пријатели

Повеќе од 700 милиони луѓе се заробени во екстремна сиромаштија, предупредија денеска Обединетите нации по повод одбележувањето на Меѓународниот ден против сиромаштијата – 17 октомври.

Loading...

Секое човечко суштество заслужува да живее достоинствено, објави ОН на Твитер.

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден против сиромаштијата, УНЕСКО објави дека на 17 октомври 1987 година, повеќе од 100.000 луѓе се собраа на Трокадеро во Париз, каде беше потпишана Универзалната декларација за човекови права во 1948 година, за да им оддадат почит на жртвите на екстремната сиромаштија, насилство и глад.

Тие изјавија дека сиромаштијата е кршење на човековите права и ја потврдија потребата од обединување за да се обезбеди почитување на овие права.

Оттогаш, луѓето без разлика на различноста се собираат секоја година на 17 октомври за да ја обноват својата посветеност и да покажат солидарност со сиромашните.

Со резолуцијата 47/196 усвоена на 22 декември 1992 година, Генералното собрание на ОН го прогласи 17 октомври за Меѓународен ден на борба против сиромаштијата.

УНЕСКО наведува дека е убеден оти одржливата борба против сиромаштијата бара зајакнување на капацитетите на поединците преку образование, наука и поддршка на креативната економија, кои се извор на вработување, но и гордост и достоинство.

УНЕСКО ја става сета своја експертиза во служба на Агендата за одржлив развој до 2030 година, а особено на Целта 1 – ставање крај на сиромаштијата во сите нејзини форми и насекаде, објави УНЕСКО на својата веб-страница.

Loading...