Повеќе од 715.000 домаќинства, фарми и бизниси во моментов се без струја поради бурата Еовин, што ја погоди Ирска, објави ирската јавна телевизија RTE.
Електричната енергија беше исклучена поради силните ветрови што предизвикаа оштетувања на електричната мрежа, соопшти Ирскиот електроенергетски одбор (ESB).
Околу 150.000 имоти во Ирска се соочуваат со проблеми во снабдувањето со вода поради прекин на електричната енергија што влијае на водоводната мрежа.
Ирската управа за вода соопшти дека повеќето корисници сè уште имаат вода благодарение на резервоарите за складирање, но се очекуваат значителни проблеми со снабдувањето поради невремето.
Агенцијата ги повика корисниците да штедат вода додека состојбата не се нормализира, наведувајќи дека повеќето домаќинства треба да имаат доволно вода за хигиенски потреби во следните 24 часа.
Според Sky News, околу 230 летови на аеродромот во Даблин се откажани поради лошите временски услови.
Премиерката на Северна Ирска Мишел О’Нил ги повика граѓаните да останат дома, нагласувајќи ја сериозноста на ситуацијата, бидејќи бурата Еовин се смета за една од најмоќните што некогаш ја погодила Ирска.
Поради невремето денеска се затворени училиштата и универзитетите во Ирска и Шкотска, а блокирани се и поаѓањата на траектите во Ирското Море.
Неколку железнички оператори издадоа предупредувања „не патувај“, а Шкотска железница денеска ги прекина сите услуги низ Шкотска, велејќи дека „би било небезбедно да се оперираат патничките услуги поради прогнозираните временски услови“.