Најмалку 22 лица загинаа во обилните дождови низ северна Индија, кои предизвикаа лизгање на земјиштето и поплави во регионот, соопштија во понеделникот властите и локалните медиуми.
Училиштата во Њу Делхи беа затворени по обилните дождови што го зафатија главниот град во текот на викендот, а властите во хималајските држави Химачал Прадеш и Утараханд побараа од луѓето да не ги напуштаат своите домови освен ако е апсолутно неопходно.
Најмалку 22 лица загинаа во неделата во поплавите и лизгањето на земјиштето во северните држави Химачал Прадеш, Утараханд, Утар Прадеш, Џаму и Кашмир и Пенџаб, објави Тајмс оф Индија.
Во северната држава Химачал Прадеш, поројните поплави во текот на викендот урнаа мост и однесоа неколку колиби.
Властите користеле хеликоптери за да ги спасат луѓето заглавени на патиштата и мостовите поради дождот, покажаа снимките од партнерот на Ројтерс, АНИ.
Улиците низ северните држави, вклучително и Пенџаб, Делхи и Утараханд, беа поплавени.
Во некои области, спасувачкиот персонал користел гумени сплавови за да ги спаси луѓето заглавени во нивните домови, објавија локалните медиуми.
„Ве молиме, останете во вашите домови бидејќи се очекуваат пообилни врнежи во следните 24 часа“, рече главниот министер на Химачал Прадеш, Сухвиндер Синг Суху во апелот на социјалните мрежи доцна во неделата.