Над 150 културни настани и околу 14.500 посетители годинава во НУЦК „Трајко Прокопиев“

Сподели со своите пријатели

Изминатата година беше целосно успешна од програмски аспект за Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и Театар Куманово, со реализирани повеќе од 150 културни настани, истакна директорот Сашо Тодоровски.

– Годинава реализиравме преку 150 настани од култура, дел беа од годишната програма од Министерство за култура, а дел беа од другите корисници кои имаа аплицирано за проекти и кои истите ги реализираа во Центар за култура и Театар Куманово, а тоа беа концерти, изложби, фолклорни активности и други настани, изјави Тодоровски.

Како показател за успешноста, директорот ја посочи и посетеноста на настаните, која, според податоците со кои располага установата, изнесува околу 14.500 посетители во текот на годината.

– За успешноста на изминатава година говори и посетеноста на нашиве настани, и нашата публика, а тоа според податоците кои ги имаме, е бројка од околу 14.500 посетители, наша публика која оваа година го посетила Центарот за култура за да погледаат претстава, изложба, концерт, уметнички перформанс, промоција на книга, на што сме благодарни бидејќи публиката е таа која со своето присуство ја создава убавата приказна за и во Центар за култура Куманово, рече Тодоровски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец нападнал сограѓанин на магистралата Куманово – Свети Николе

Во текот на годината беа реализирани и шест премиерни театарски претстави – три на македонски и три на албански јазик, кои, покрај Куманово, гостуваа и во други градови и на значајни театарски фестивали, при што дел од нив освоија и награди.

Посебно беше издвоен и Фестивалот на проза 2025, кој се одржа во мај и веќе се етаблира како значаен литературен настан со учество на еминентни гости од земјата и регионот.

– Тука би го споменал и Фестивалот на проза 2025 година кој имаше успешна реализација, кој се оддржа во месец мај со еминентни гости од светот на литературата и истиот веќе се етаблира како значаен фестивал од областа на литература каде се среќаваат и говорат луѓе од перото кои имаат значење кај нас и гости од околните држави“, истакна Тодоровски, заблагодарувајќи се на Министерството за култура за поддршката и изразувајќи надеж дека таа ќе продолжи и во 2026 година.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Дружење со Дедо Мраз и концерт на локални артисти денеска во Куманово

Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2025“, исто така е на врвот на програмата, кој годинава го имаше своето 28. издание.

Меѓу настаните кои се издвојуваат е големиот интерес за традиционалната изложба „Самоуки“ и биеналната изложба „Скици“.

Дел од програмата беа и куклената работилница со гости од Софија, Бугарија, како и гостувањето на детската куклена претстава „Столарот и ѓаволот“ од Театарот од Винковци, Хрватска.

Осврнувајќи се на реконструкцијата на Театар Куманово, Тодоровски информира дека постапката е во завршна фаза.

– Во врска со реконструкција на Театар Куманово сакам да посочам дека при крај е јавната набавка и по завршувањето и запазувањето на сите потребни правни процедури ќе се премине кон избор на економски оператор кој ги исполнува условите за изградба на зграда на театар и би требало да се започне со реализација на завршна фаза на проектот, кон крајот на јануари а истиот да се заврши кон крајот на 2026 година бидејќи финасиските средства за довршување на зградата на Театар Куманово се обезбедени од страна на Министерство за култура“, изјави Тодоровски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец физички го нападнал својот брат

Никола Ивановски