Над 11 илјади мртви во Либија. Уште толку се сметаат за исчезнати

Сподели со своите пријатели

Во шокантен извештај денеска, либиската Црвена полумесечина објави дека бројот на загинати во либискиот крајбрежен град Дерна се искачи на застрашувачки 11.300.

Loading...

Овој црн биланс е резултат на катастрофалните поплави кои следеа по пробивањето на две брани при обилни дождови.

Во исто време продолжува потрагата по преживеани во урнатините.

Мари ел-Дрезе, генерален секретар на либиската Црвена полумесечина, изјави за АП дека 10.100 луѓе моментално се водат како исчезнати во Дерна, медитеранскиот град погоден од трагедијата.

Градоначалникот на Дерна, Абдулменам ал Гаити денеска процени дека меѓу 18.000 и 20.000 луѓе ги загубиле животите кога пукнале две брани, потопувајќи цели населби додека жителите спиеле.

Ал Гаити за телевизијата Ал Арабија објасни дека овие проценки се засноваат на бројот на жители кои живееле во населбите кои беа уништени од поплавите.

Лидерите на либиската администрација со седиште во Триполи го повикаа обвинителството на земјата да отвори истрага за уривањето на двете брани, при што беа изразени критики поради недостатокот на одржување на браните во текот на годините.

Според извештајот на Би-Би-Си, бројот на неоткриени тела продолжува да расте, а многумина се пронајдени под урнатините или во морето, што го зголемува ризикот од болести.

Loading...

Вработените во итната помош во Либија моментално се во „трка со времето“ за да ги закопаат загинатите во поплавите во градот Дерна и да спречат ширење на болести, соопштија либиските служби за итни случаи.

Телевизијата Ал Хадат објави дека спасувачките тимови успеале да пристапат до неколку оддалечени области во Дерна и Суса, но дека се уште има делови до кои е тешко достапни.

За да се идентификува телото, се земаат примероци за ДНК анализа.

Во меѓувреме, Обединетите нации предупредија дека десетици илјади луѓе кои се раселени во Либија сега се изложени на ризик од болести кои ги носи загадената вода.

Јенс Лерке, заменик портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, изјави за Би-Би-Си дека бунарите се контаминирани и дека постои ризик од секундарен бран на болеста доколку оваа ситуација итно не се реши.