На Граничниот премин Табановце, царинските службеници спречиле обид за шверц на часовници вредни 38.000 евра.
– Царинските службеници на граничниот премин со Србија, Табановце – Прешево, спречија обид на српски државјанин да криумчари во ранец два „Ролекс“ и еден „Омега“ часовник со вкупна вредност од 2,34 милиони денари или 38 илјади евра. Против лицето е поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело – криумчарење, информираат од Царинската управа на Македонија.
Како што додаваат од ЦУ, непријавените часовници, Rolex Submariner, Rolex Sky-Dweller и Omega Speedmaster, се пронајдени при детален преглед на возилото и патниците кои патувале со автомобил со српски регистарски таблички.
– Возачот, со намера да ја избегне царинската контрола, ги ставил часовниците во една мала кожна кутија, која ја сместил во неговиот црн ранец заедно со други предмети за лична употреба, стои во соопштението.
Запленетите производи биле предадени на Основно јавно обвинителство Куманово.
Никола Ивановски