Со положување свежо цвеќе на Спомен Костурница беа одбележани 76 години од ослободувањето на Куманово.
Голем број делагации од Општината, Армијата на Македонија, Министерството за внатрешни работи, Сојузот на борци од Народно Ослободителната и антифашистичка борба, Советот на општина Куманово, Здружението на армиски и полициски ветерани и политички партии присуствуваа на одбележувањето.
Пред присутните се обрати Зора Ивановска од Сојузот на борци од Народно Ослободителната и антифашистичка борба, која истакна дека борците се тажен незаборав затоа што сеќавањето на нивното постоење и храброст во борбите против фашистичките окупатори, буди чувства на гордост.
– Секое сеќавање на вашето загинување буди чувство на искрено признание и големи родољуби, затоа што свесно и храбро јуришавте и се боревте против фашистичките злосторници и во тие борби докажавте дека сте вистински борци за ослободување на Куманово. Борци, херои кои загинавте во надчовечки борби против фашистичките окупатори, вашата младост и вашите животи беа прекинати од душмански куршуми, слободата го побара својот откуп, но вие не сте заборавени, вие сте меѓу нас, присутни се на сите наши свечености, празници, вие живеете во нашите разговори и сеќавања, споменот на вашето загинување е голем незаборав. Затоа што вие засебе не баравте ништо друго туку само место во народноослободителната борба. Баравте за себе место да се борите за слобода на Македонија, рече таа.
Годинешното чествување беше под сите проколи за заштита од коронавирусот, со помалку граѓани, но и гости. Единствени гости кои присуствуваа беше делегацијата на Општина Гнилане од Косово со која вчера беше потпишан договор за збратимување.
Текст/фото: Никола Ивановски