На повеќе места во Куманово ќе се положува Светиот крст за Водици, по повод големиот христијански празник, информираат од Кумановско-осоговската епархија.
Во сите храмови ќе се служи Света Литургија со почеток во 8 часот, по што ќе следува Големиот богојавленски водосвет и полагање на светиот крст во осветените води.
Главната манифестација и годинава ќе биде во базенот на Соборниот храм Свети Никола.
Од Епархијата посочуваат дека не може прецизно да се утврди точното време на полагањето на крстот, бидејќи настанот е директно поврзан со текот на Литургијата, која претставува централниот дел од празнувањето.
На Литургијата ќе чиноначалствува митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј.
– Најважно е сите православни христијани да присуствуваат на Литургијата, заради што во оваа прилика и ги повикуваме да присуствуваат во храмовите на литургиската молитва, а потоа доброволно, некои од верниците влегуваат во осветената вода за да го изнесат крстот од водата, вели Протојереј-ставрофор Антониј Петрушевски од Кумановско – Осоговската епархија.
Се очекува чинот да се одржи приближно два часа по почетокот на богослужбата.
Во Соборниот храм „Свети Никола“ не се врши претходно пријавување ниту евиденција за бројот на учесници, но традиционално интересот е голем, што се очекува да биде случај и годинава.
Pолагањето на светиот крст, оваа година ќе се изврши на неколку локации во Куманово и околината.
Освен во Соборниот храм „Свети Никола“,положување на Светиот крст ќе има и во населбата Бедиње во реката Кумановка.
Во базенот „Асторија“ во Доброшане осветувањето на водите и положувањето на Светиот крст ќе започне во 11 часот.
Во селото Пчиња манифестацијата ќе се одржи во реката покрај црквата „Свети Спас“, додека во селото Тромеѓа, во близина на црквата „Свети Димитриј“ со почеток од 10 часот.
Од Кумановско-осоговската епархија на сите граѓани од христијанска вероисповед им го честитаат празникот Богојавление, со молитвени желби за мир, здравје и Божји благослов во домовите во Куманово и насекаде.
Богојавление е особено значаен празник за многу семејства во градот, при што голем број граѓани го празнуваат и Св. Јован Крстител како домашна слава.
Во нивните домови се врши водосвет, а на самиот празник верниците во храмовите носат празнични лепчиња кои се благословуваат и сечат во чест на празникот.
Никола Ивановски

