Милиони луѓе во Сирија и Ирак се во опасност да останат без вода, електрична енергија и храна поради зголемените температури и рекордно ниското ниво на вода, предупредија меѓународните хуманитарни групи и хуманитарните организации.
На двете соседни земји, погодени од долгогодишните конфликти и лошото владеење, им треба брза акција за борба против недостатокот на вода, објави АП.
Сушата го нарушува и снабдувањето со електрична енергија, бидејќи ниското ниво на вода влијае на браните, кои пак влијаат врз основната инфраструктура.
Повеќе од 12 милиони луѓе во двете земји се погодени, вклучително и околу пет милиони луѓе во Сирија кои се директно зависни од реката Еуфрат.
Во Ирак, неможноста за пристап до вода од Еуфрат и Тигар се заканува на најмалку седум милиони луѓе.
Околу 400 квадратни километри земјоделско земјиште е погодено од суша.
Недостатокот на вода го погоди и Либан, кој падна во најлошата економска и финансиска криза во модерната историја, каде повеќе од четири милиони луѓе се загрозени.
УНИЦЕФ побара итно обновување на снабдувањето со електрична енергија за да може да работи водоснабдувањето.