На 100 години почина Хенри Кисинџер, контроверзниот дипломат и бизнисмен

Сподели со своите пријатели

Познатиот американски дипломат и научник Хенри Кисинџер, кој остави неизбришлива трага во надворешната политика на САД, почина во средата на 100-годишна возраст во својот дом во Конектикат, соопшти консултантската компанија Kissinger Associates.

Loading...

Кисинџер бил дипломат, политиколог, геополитички консултант и политичар кој работел како државен секретар и советник за национална безбедност во претседателските администрации на Ричард Никсон и Џералд Форд.

Тој беше награден со Нобеловата награда за мир во 1973 година за неговиот придонес во преговорите за прекин на огнот во Виетнам, што се смета за контроверзна одлука.

Нарекувајќи го Кисинџер дипломатска моќ, Ројтерс пишува дека во 1970-тите, додека ги извршувал гореспоменатите високи дипломатски должности, бил вклучен во многу важни светски настани, а освен Парискиот мировен договор со Северен Виетнам, неговите напори доведоа до дипломатско отворање на Кина, важни американско-советски преговори за контрола на оружјето, како и проширување на врските меѓу Израел и неговите арапски соседи.

„Владеењето на Кисинџер како главен архитект на американската надворешна политика ослабна со оставката на Никсон во 1974 година. Сепак, тој продолжи да биде дипломатска сила под претседателот Џералд Форд и да ги нуди своите мислења до крајот на својот живот“, напиша Ројтерс.

Тој беше контроверзна личност, па додека многумина го пофалија за неговата брилијантност и долгогодишно искуство, други го сметаа за воен злосторник поради неговата поддршка на антикомунистичките диктатури, особено во Латинска Америка, вклучувајќи ги и напорите за соборување на марксистичкиот, но демократски избраниот чилеански претседател Салвадор Аљенде.

Хајнц Алфред Кисинџер е роден во Фурт, Германија, на 27 мај 1923 година, во еврејско семејство, со кое се преселил во САД во 1938 година, пред нацистичката кампања за истребување на европските Евреи.

Го променил името во Хенри, служел војска во Европа во Втората светска војна, а докторирал на Харвард во 1954 година, на кој работел долги години.

Loading...

По децении во американската дипломатија на високо ниво, Кисинџер во 1982 година во Њујорк ја основа Kissinger Associates, консултантска компанија која нудеше совети на светската корпоративна елита.

Бил член на управни одбори на компании и на разни надворешнополитички и безбедносни форуми, а напишал и бројни книги од областа на дипломатијата и меѓународните односи.

Кисинџер беше активен до самиот крај на својот живот, а како личност која одигра клучна улога во нормализирањето на односите меѓу САД и Кина во 1970-тите, тој се сретна со кинескиот претседател Кси Џинпинг во Пекинг во јули.