Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, уште еднаш се „зајаде“ со Арсен Венгер. Португалецот беше запрашан зошто неговиот колега не го спомнал во неговата автобиографија.
– Затоа што никогаш не ме победил. Неможе да зборуваш за тоа како не си освоил ниту еден од 12 или 14 натпревари. Зошто би зборувал за мене? Книгата е нешто што ве прави среќен, ве прави горд. Ја разбирам целосно ситуацијата, беше одговорот на Жозе.
Мурињо коментираше и за Герет Бејл.
– Секако дека тој сака да игра. Од првиот ден има желба, но тоа не беше можно. Нема да ви кажам дали ќе игра или не. Она што ќе ви го кажам е дека работи многу добро Тој е во добра форма. Дали ќе игра во недела или четврток, сè уште не сме одлучиле, посочи Специјалниот.
Во недела, Тотенхем ќе се соочи со Вест Хем во лондонското дерби, а тогаш Бејл може да го има своето второ деби за „петлите“.
– Имаме тим во кој секој играч треба да се бори за место во тимот. Верувам дека ќе ги видите Сон и Бејл како играат заедно, но понекогаш и двајцата ќе бидат на клупа или ќе пијат чај во ложата. Имаме толку многу опции што одбивам да кажам дека некој е цврст стартер, додаде Португалецот.
На прашањето дали е задоволен од летната селекција, Мурињо рече: „Речиси, но кај нас тренерите, секогаш е речиси. Освен ако не сте привилегиран и не работите во клуб што не ги почитува правилата на финансискиот фер-плеј. Направивме повеќе отколку што очекував. Гледам како составот станува се подобар и играчите се загрижени дали ќе играат или не. Тоа е чувство што сакам да го гледам“.
Влатче Зорба