Мурали ќе го красат игралиштето за 3х3 баскет во Куманово, откако вандали исцртаа нацистички симболи покрај него

Сподели со своите пријатели

Нацистички симболи и пораки со вулгарна содржина го красат новото кошаркарско игралиште за 3х3 баскет во Куманово, откако изминатата ноќ некој ги исцртал на оваа локација.

Loading...

Како што информираше денеска претседателот на Кошаркарскиот клуб Куманово Александар Крстевски, непознати лица со спреј исцртале нацистички симболи и вулгарни пораки, што не само што остава грда слика, туку им праќа лоша порака на младите кои доаѓаат тука да спортуваат.

– Ова игралиште, како и сите останати во градот се за рекреирање на младите, за нивен прав физички и ментален развој и треба да биде место каде ќе бидат тргнати од ваквите пораки, наместо да дојдат и да ги гледаат тука. За жал ова стана пракса во градот, се што ќе се изгради да биде вандализирано. И не само тука на оваа локација, тргнете од паркот пред градските базени, голем број млади цело лето се дружат таму, но ѕидовите се целосно исцртани со секакви пораки. Кошаркарското игралиште кое претходно го правевме во неколку наврати беше оштетувано, обрачите, заштитната мрежа, постојано се уништуваат, изјави Крстевски.

Кошаркарскиот клуб Куманово заедно со градоначалникот Максим Димитриевски и целата локална самоуправа, вели Крстевски, континуирано ги реконструираат овие спортски објекти, но за жал тие повторно и повторно се уништуваат.

 

 

Со цел да се спречи понатамошно исцртување со недолична содржина на спортските игралишта, тие ќе бидат прекриени со мурали уште денеска.

Loading...

– Објектот зад мене во текот на денот ќе го исцртаме со мурали со цел да се спречи понатамошно негово шарање со разни шкртаници. Забележително е било каде во градот каде ќе се исцрта мурал или убав графит не се уништува, но ако се начека бел ѕид веќе утредента ќе добиете некоја вулгарна порака или цртеж. Тоа сакаме да го спречиме. Ова игралиште е за доброто на сите наши деца и млади кои сакаат да спортуваат, додаде Крстевски.

Првиот човек на КК Куманово, најави дека во периодот што следува ќе се постават и реконструираат повеќе игралишта во градот. До граѓаните упати порака да бидат совесни и да ги чуваат спортските објекти.

– Уште еданш упатувам голема молба до сите, чувајте ги спортските терени, однесувајте се совесно кон се што ќе биде изградено и поставено во градот. Тоа не е само за мене, за градоначалникот, тоа е за сите нас. Воедно апелирам полицијата да презема поголеми мерки со цел откривање и санкционирање на ваквите девијантни појави во градот со цел тие да не ни се повторуваат, рече тој.

Инаку игралиштето за 3х3 баскет во Куманово беше отворено пред еден месец, како заеднички проект на Општина Куманово и Агенцијата за млади и спорт.

Никола Ивановски

Leave a Reply