Младинскиот центар „MultiКулти“ го најавува завршниот настан на програмите за средношколци за оваа сезона, кој ќе се случи во среда, 15ти јуни на градскиот плоштад во Куманово со почеток од 17 часот.
На настанот ќе бидат презентирани завршните продукти од четири работилници за средношколци кои се одвиваа во просториите на центарот во претходните два месеци.
Работилниците ги користеа методите на неформалното образование, а имаа за цел да го поттикнат интеркултурниот дијалог и меѓуетничката соработка преку отварање на простор за културно и креативно изразување. Средношколците од сите училишта во градот имаа можност да присуствуваат на работилница за театар, фотографија, уметност од рециклирачки материјали и интерес и кариера – вели Александра Михајловска, координатор на проектот.
Сите работилници беа дел од проектот ,, МultiКулти Social Youth Service” финансиран од УНДП ( Програма за развој на Обединетите Нации).
Како дел од овој проект се случи и целосно реновирање на просториите на младинскиот центар во Куманово. Отварањето на реновираните простории го обележавме на 29ти мај со настанот МultiКулти Bubble Parade.
Исто така, како дел од овој проект од септември се најавува нов циклус на работилници.
Оваа година соработката со УНДП продолжи по минатогодишниот проект ,,MultiКулти Коцка-простор за интеркултурна/eтничка акција”. Проектот и настанот имаа голема видливост и посетенесост, па популарниот назив МултиКулти Коцка неформално се пренесе и оваа година – додава Михајловска.
Во рамките на настанот во среда граѓаните ќе имаат можност да погледнат театарски перформанс, изложба на фотографии, модна ревија, музика и многу забава.